Воспалението на слепото црево, познато како апендицитис, може да се појави на која било возраст. Најчесто започнува со болка околу папокот, која по неколку часа се преместува во десниот долен дел од стомакот. Навременото поставување дијагноза и лекувањето се особено важни бидејќи одложувањето може да доведе до перфорација и сериозни компликации.
За причините, симптомите, дијагностиката и хируршкото лекување на апендицитисот, новинарката Весна Баштованска разговара со д-р Симон Локоски, специјалист по општа хирургија.
Што претставува воспалението на слепото црево и зошто настанува?
Д-р Симон Локоски: Воспалението најчесто настанува кога ќе дојде до затворање на луменот на апендиксот. Поради тоа се зголемува бројот на бактерии во неговата внатрешност и се развива воспалителен процес кој бара соодветен третман.
Колку е важно времето? Дали секоја стомачна болка бара веднаш да се посети лекар?
Д-р Симон Локоски: Не секоја болка во стомакот значи воспаление на слепото црево. Постојат многу други заболувања и состојби кои предизвикуваат стомачни болки.
Според одредени статистички податоци, околу шест проценти од луѓето имаат можност да развијат апендицитис во текот на животот.
Како се препознава болката при воспаление на слепото црево? Дали симптомите се различни кај децата и возрасните?
Д-р Симон Локоски: Апендицитисот може да се појави во кој било период од животот.
Класично, болката започнува како болка низ целиот стомак или околу папокот. По неколку часа таа најчесто се локализира во десниот долен дел од стомакот.
Може да се појават и други симптоми, како гадење и губење на апетитот.
Карактеристично е што болката е постојана и има тенденција да се засилува. Лековите против болка можат делумно да ја ублажат, но таа не исчезнува целосно.
Сепак, постојат и случаи со неспецифични симптоми.
Каква е првата постапка кога пациент со сомневање за воспалено слепо црево ќе пристигне на преглед?
Д-р Симон Локоски: Најпрво треба да се постави дијагнозата.
Се прави клинички преглед, при кој се утврдува каде е локализирана болката и колкав е нејзиниот интензитет.
Многу е важна и анамнезата, односно информациите што ги добиваме од пациентот: кога започнала болката, каде првично се појавила, како се движела и колку долго трае.
При прегледот се бараат и други знаци, како перитонеална иритација и локална мускулна одбрана. Наодот зависи и од тоа колку долго трае воспалителниот процес.
Кои дополнителни испитувања се прават и кога се одлучува за операција?
Д-р Симон Локоски: Клиничкиот преглед најчесто ни дава насока дали се работи за воспаление на слепото црево.
Дополнително може да помогнат лабораториските анализи. Сепак, лабораториските резултати не се единствениот критериум за поставување дијагноза.
Кога постои дилема, може да се направи и ултразвучен преглед. Апендиксот понекогаш тешко се визуелизира на ултразвук, но радиолозите можат да забележат придружни знаци, како локална воспалителна реакција или течност во стомачната празнина.
Овие наоди помагаат во донесувањето одлука за понатамошниот третман.
Кога ќе се потврди дијагнозата и ќе се утврди потреба од хируршки третман, операцијата најчесто се изведува истиот ден, по итна постапка.
Како се одвива закрепнувањето по операцијата?
Д-р Симон Локоски: Закрепнувањето зависи од состојбата што ќе ја утврдиме при операцијата.
Ако пациентот е опериран навреме и воспалението е во полесна фаза, закрепнувањето обично е побрзо и полесно.
Но, ако дошло до перфорација, односно пробивање на ѕидот на апендиксот, лекувањето е подолго. Пациентот може да остане повеќе денови во болница, а ризикот од компликации е поголем.
Дали исхраната може да биде причина за воспаление на слепото црево?
Д-р Симон Локоски: Не е докажано дека одреден начин на исхрана директно предизвикува воспаление на слепото црево.
Дали по операцијата пациентите треба да се придржуваат до посебен режим на исхрана?
Д-р Симон Локоски: Веднаш по операцијата исхраната се приспособува на состојбата на пациентот и на враќањето на нормалната работа на цревата.
Во почетниот период се започнува со течности, а потоа постепено се воведува храна.
При одлучувањето се следи враќањето на цревната перисталтика, односно нормалното движење на цревата, како и појавата на гасови и столица.
Врз основа на тоа се одредува каква храна може да консумира пациентот.
Дали постои возраст на која апендицитисот се јавува почесто?
Д-р Симон Локоски: Не постои строга старосна граница. Воспаление на слепото црево може да се појави и кај мали деца и кај повозрасни лица.
Меѓутоа, зависно од возраста, постојат различни заболувања кои можат да дадат слични симптоми.
На пример, кај малите деца, поради респираторни инфекции, може да се зголемат лимфните јазли во стомачната празнина. Тоа понекогаш предизвикува симптоми слични на апендицитис.
Кај жените, болките поврзани со овулацијата или цисти на јајниците можат да наликуваат на воспаление на слепото црево.
Кај повозрасните пациенти треба да се земат предвид и други заболувања, вклучително и туморски промени.
Исто така, некои воспалителни заболувања на цревата, како Кроновата болест, можат да предизвикаат слична клиничка слика.
Значи, пациент може да пристигне со сомневање за апендицитис, а да се утврди сосема друга дијагноза?
Д-р Симон Локоски: Да, тоа се случува. Пациентите доаѓаат со симптоми кои личат на воспаление на слепото црево, но по прегледот и дополнителните испитувања може да се утврди друга причина за болката.
Токму затоа се важни клиничкиот преглед и дијагностичките испитувања. Тие ни помагаат да донесеме правилна одлука.
Дали редовните превентивни прегледи можат да спречат воспаление на слепото црево?
Д-р Симон Локоски: Редовните прегледи не можат да го спречат апендицитисот бидејќи станува збор за акутна состојба.
Не можеме однапред да предвидиме дали и кога кај одреден пациент ќе се појави воспаление.
Она што е важно е да се препознаат симптомите и навремено да се реагира.
Воспалението на слепото црево е итна состојба која може да биде животозагрозувачка.
Што може да се случи ако се задоцни со лекувањето?
Д-р Симон Локоски: Колку повеќе се одложува лекувањето, толку е поголем ризикот од компликации.
Може да дојде до перфорација на апендиксот, а во потешките случаи и до септична состојба.
Затоа е важно воспалението навремено да се дијагностицира и соодветно да се третира.
Интервју: Весна Баштованска
Соговорник: Д-р Симон Локоски, специјалист по општа хирургија
Zdravi.mk




