Д-р Дејан Манчески : Кај миокардниот инфаркт времето е пресудно – пациентите треба да реагираат во првите 60 до 90 минути Миокардниот инфаркт претставува сериозно и животозагрозувачко заболување кое настанува како резултат на затворање на коронарните артерии – крвните садови што го снабдуваат срцевиот мускул со крв. Иако постојат повеќе типови на инфаркт, најчеста причина е блокада на крвниот сад што го храни одреден дел од срцевиот мускул. Кардиолозите посочуваат дека современиот начин на живот – седентарноста, неправилната исхрана, пушењето цигари, физичката неактивност и секојдневниот стрес – значително го зголемуваат ризикот од појава на ова заболување.
Во Кардиолошкиот Завод Свети Стефан во Охрид секојдневно се лекуваат пациенти со миокарден инфаркт. Во интервентната кардиологија работат неколку специјалисти, а Д-р Дејан Манчески велат дека речиси секојдневно се соочуваат со по еден или двајца пациенти со оваа сериозна состојба. Современата медицина денес овозможува ефикасно лекување на инфарктот, но клучен фактор е времето.
Манчески нагласуваат дека пациентот треба што побрзо да се јави во болница каде што постои интервентна кардиологија, по можност во првите 60 до 90 минути од појавата на симптомите. Во тој период се изведува процедура за отворање на затворениот крвен сад – најчесто со поставување стент или со балон дилатација. Во одредени случаи се користат и современи балони обложени со лек, во зависност од проценката на кардиологот и состојбата на пациентот.
Д-р Манчески потсетува на добро познатото правило во медицината: „Time is muscle“ – односно „времето е срцев мускул“. Колку побрзо пациентот стигне во соодветна здравствена установа, толку се поголеми шансите за успешно лекување и помали се последиците по здравјето. И покрај напредокот на медицината, смртноста од миокарден инфаркт и понатаму изнесува околу 10 проценти, најчесто поради доцно јавување на пациентите или губење драгоцено време во несоодветни здравствени установи.
ДАЛИ ЛУЃЕТО МОЖЕ ДА ПОЧУВСТВУВААТ СИМПТОМИ ПРЕТХОНО ?
Манчески појаснува дека во најголем дел од случаите пациентите претходно чувствуваат одредени симптоми или тегоби, но често ги игнорираат. Ретки се случаите кога инфарктот се јавува кај целосно здрави и физички активни луѓе, најчесто како резултат на тромбоза. Кардиолозите апелираат граѓаните да не ги занемаруваат предупредувачките симптоми и редовно да прават превентивни прегледи. Особено се препорачува мажите над 45 години, а сè почесто и жените, да направат кардиолошки контроли со цел навремено откривање и спречување на кардиоваскуларните заболувања.



